Скопје не може да се потпре само на автобусите на ЈСП, затоа што ова претпријатие нема доволен возен парк да го одржува нормалниот возен ред на сите линии, откако градоначалничката Данела Арсовска очигледно нема намера да им даде денар на приватните превозници кои дополнително, но без основ, ги обвини и дека нелегално наплаќале билети од патниците.
„Приватните“ од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ не возат додека градот не го исплати долгот кон нив.
Во меѓувреме дел од приватните превозници шпекулираат дека Арсовска била во процес на склучување на тендер со компанија од соседството која треба да ги замени приватните превозници, но никој не дава подетални информации.
Друг дел од превозниците сметаат дека Владата, по примерот на парното греење, ќе го презеде и менаџирањето со јавниот превоз.
Причината за ваквите гласини ја темелат на средбата на премиерот Ковачевски со градоначалничката Арсовска и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.
Моментално, главниот град е со колабиран јавен превоз откако и вториот приватен превозник „Слобода превоз“ не вози затоа што не му се исплатени долговите од Град Скопје.







