Ќе има ли оставки – Службите за безбедност не виделе дека се подготвува вето од Бугарија

Ниту една од македонските служби за национална безбедност не виделе дека на Македонија и се подготвува вето на патот кон ЕУ.



Претседателот Стево Пендаровски вчера на интервју за Канал 5 изјави дека државата до пред краток период била уверена дека нема да има вето од Бугарија.

За вакви погрешни проценки кои и според германскиот државен секретар за Европа Михаел Рот влијаат на стабилноста и безбедноста во целиот регион во нормални ќе паднеа неколку оставки од политички но и безбедносни структури.

Службите за безбедност на државата морале да имаат информации што планираат Бугарија и другите ЕУ членки со цел да се спречат негативни последици и да го информираат државниот врв за ветото кое што претставува и долгорочна безбедносна закана.

Повеќе државни раководители во последниве години тврдеа дека блокада на патот кон ЕУ ќе ја загрози стабилноста и безбедноста на Македонија.

Во прв ред одговорност за лошите проценки има Агенцијата за разузнавање која што е под директна контрола и ингеренции на претседателот Пендаровски кој во два наврати признава дека не очекувал вето од Бугарија ниту дека добил такви информации од службите.

Предходно директорот на оваа Агенција Еролд Муслиу беше случај на Антикорупциската комисија од каде беше ослободен од обвинувањата во скандалозно објаснување на претседателката Ивановска, инаку школска другарка на Пендаровски.

Ништо помалку за погрешните проценки се одговорни и советникот за национална безбедност на премиерот Заев Зоран Верушевски кој секојдневно ги добива сите релевантни безбедносни и разузнавачки проценки.

Свој дел од вината имаат и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) која ја води кадар на СДСМ Виктор Димовски и Воената агенција за разузнавање кои морале да ги предупредат македонските власти дека се подготвува вето од Бугарија.

Ниту еден од раководителите на безбедносните служби во земјава досега не понуди оставка или лична одговорност за целосно промашените безбедносни проценки во поглед да ветото од Бугарија и последиците од него по економијата и странските инвестиции пред се.