Ќе има ли кој да ги посее нивите откако еден куп земјоделци се иселија во странство?!

Македонија има се помалку домашно производство на храна. И она што го има, добар дел заминува надвор од државата зашто, според земјоделците, било далеку подобро платено за разлика од кај нас. Иако власта се пофали дека земјоделството цвета, сепак сликата од терен е дека нивите остануваат пусти, зашто нема кој да ги работи, објави Алфа. Иселувањето, односно напуштањето на руралните средини, ниските откупни цени на производите добиени од фарма, зголемените трошоци и еден куп причини придонесуваат за континуиран пад на бројот на говеда во земјава, а со тоа и на намалување на произведеното месо во нашата земја. Капак на се е новата Владина мерка за намалување на царинските давачки за увоз на зеленчук и овошје, која наиде на критики од страна на земјоделците кои работат со последни сили. Сметаат дека граѓаните ќе купуваат поевтина храна од соседството, но за жал со лош и сомнителен квалитет. И покрај се, министерот за земјоделство е оптимист дека ќе биде добро.



Македонските производители и земјоделци се соочуваат со високите трошоци и најавуваат натамошен раст на цените, ако не се преземат сериозни мерки, со кои би се помогнале домашните земјоделци и сточари.

Експертите предупредуваат дека времето на евтина храна помина, а највисоката точка на кризата со храната се очекува допрва. За тоа да се ублажи, државата мора сега и веднаш да ги покачи платите за граѓаните за уште повеќе да не потонат во сиромаштија.