Ќе има ли гласање за премиер и за претседател во ист ден?

Опозицијата бара претседателските и парламентарните избори да се одржат во ист ден, но власта инсистира на одвоени процеси иако временската разлика помеѓу првиот и вториот процес е помала од два месеца.



Аналитичарите во тоа гледаат замисла на владејачкото мнозинство да добие на рејтинг и гласови доколку опозицијата во меѓувреме гласа за уставните измени, но планот, како што посочуваат, е безуспешен бидејќи засега не постојат никакви најави за да се случи такво нешто.

– Мислам дека идејата на власта, пред сѐ на СДСМ, беше да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, а потоа да се одржат претседателски избори на коишто владината коалиција би одела со заеднички кандидат, па поради прифаќањето на уставните измени од ВМРО-ДПМНЕ би се намалила поддршката на оваа опозициска партија. На тој начин власта се надеваше дека ќе победи на претседателските избори и дека таа победа ќе ѝ претставува ветер во грбот за парламентарните избори. Накратко, ако изборите се одржат заедно во ист ден, тогаш ќе се заштедат народни пари и ќе се обезбеди сигурен консензус за вториот круг за избор на претседател – вели универзитетскиот професор Владимир Божиновски.

Слично мислење дели и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој објаснува дека државата ќе заштеди многу пари ако се спојат изборите во еден ден.

– Првата работа е тоа што власта знае дека ќе ѝ се случи политички дебакл на следните избори. Втората работа е тоа што властите очекуваат со помош на албанските граѓани во Македонија да победат на претседателските избори во април, па таа победа да им биде ветер во грб за време на парламентарните избори кои и да избегнат цунами. Факт е дека СДСМ отсекогаш се грижел само за сопствениот интерес и никогаш не се грижел за интересот на Македонија. Наместо да се намалат трошоците и да не ја продолжуваме таа политичка криза и вакуум период во кој сѐ се стопира поради изборите, ние уште сега знаеме дека 2024 година за нас ќе претставува уште една загубена година во секој поглед – изјави Пекевски.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски не попушта и упорно настојува за одвоени избори во редовните термини: претседателски уште во март, а парламентарни може и во јуни в година.

Предвремени избори за него би биле опција само ако се изгласаат уставните измени. Тоа му го предложил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на последната лидерска во јуни и предлогот, па и сега порачува дека предлогот „сѐ уште е на маса“.

Мицкоски, пак, смета дека одржувањето на парламентарни и претседателски избори одвоено во краток период претставува само непотребно трошење на државните пари.

– Има ли Македонија доволно пари за да влезе во еден бесконечен циклус на избор на претседател којшто континуирано ќе биде неуспешен?! Нема проблем за ВМРО-ДПМНЕ, секако ќе учествуваме и ќе победиме. Но, не сакам да трошиме пари попусто. И пологично е да успеат претседателските избори доколку вториот круг е заедно со парламентарните, ќе има поголема мобилизација. Во спротивно, постои голема можност да имаме неуспешни претседателски избори од многу фактори. Не затоа што ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе, немаме ние причина зошто да не излеземе, бидејќи победуваме. Може други партии и етнички заедници да не излезат затоа што немаат интерес да излезат. Имаме ли ние како држава и како општество две години на располагање да зборуваме само за избори? Јас не мислам дека имаме и не мислам дека можеме тоа да си го дозволиме – изјави Мицкоски.

Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/na-opozici-ata-se-shtedi-na-vlasta-se-azdisuva-e-glasame-li-za-premier-i-za-pretsedatel-vo-ist-den/