Европската унија не успеа да се договори за ембарго на руската нафта за време на разговорите во неделата, додека се расправаше за тоа дали делумно да го олесни за да го „ом,екне“ унгарскиот лидер Виктор Орбан, кој ги блокира европски санкции.
Дипломатите рекоа дека сепак ќе се обидат да постигнат напредок пред денешните и утрешните разговори за испораки на нафта за централноевропските земји кои немаат излез на море.
Попладнево започнува вонредниот лидерски самит на ЕУ а главни теми се иднината на европската одбрана и шестиот пакет санкции врз Русија, межу кои е и ембаргото врз нафтата, со мали шанси за пробив, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Унгарската влада смета дека ембарго врз руската нафта за Будимпешта ќе нанесе поголема штета врз неа отколку врз Москва бидејќи Унгарија нема излез на море и е целосно зависна од нафтоводот Дружба кој превезува нафта преку Украина во Унгарија, но и Чешка и Словачка.
Последните разговори се движеле во насока на изземање на овој нафтовод од шестиот пакет санкции, но ниту за оваа опција нема консензус, бидејќи во тој случај останатите земји на ЕУ кој би вовеле целосно ембарго би биле казнети.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, минатата недела побара воопшто да не се разговара за нафтата на овој самит, и да се задржи фокусот на иднината на одбраната на ЕУ и нејзината “стратешка автономија”.
Темата нема да може да се отстрани од дневен ред со оглед на итноста на прашањето, но мали се шансите да се постигне политички договор овие два дена.
Следниот лидерски самит на ЕУ ќе се одржи за помалку од еден месец, надежта е дека до тогаш ќе се постигне поголем напредок за да се донесат конкретни одлуки.
Се очекува Зеленски денеска во Брисел ќе разговара преку видео врска со лидерите на ЕУ.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек вчера изрази загриженост дека единството на Европската унија за новите санкции против Русија „почнува да се распаѓа“.







