Ќе има ли двојни избори на 7-ми и 8-ми мај?

Разговорите за датум за изборите ќе бидат на потпретседателско ниво, односно тимот на СДСМ треба да го предводи заменик претседателката Сања Лукаревска, додека на чело на тимот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Александар Николоски. Во работната група ќе учествуваат претставници од ДУИ и Алијанса за Албанците и од здружената албанска опозиција Демократско движење, Беса и Алтернатива.
Ковачевски остави простор за договор за тајмингот на изборите, но не отстапува дека тие треба да бидат редовни.



– Во однос на тајмингот, тоа е нешто за што може да се разговара. Во однос на тоа во кој месец ќе бидат, тоа е во согласност со роковите во Собранието и тука треба да седнат претставници на политичките партии на работно ниво и да разговараат за деталите – рече Ковачевски во последната негова изјава.
Eдинствените термини за кои е можен евентуален договор помеѓу власта и опозицијата за оддржување на вториот круг од претседателските со парламентарните избори се 7 мај и 8 мај под услов Владата да остане на ставот дека двата изборни циклуси ќе бидат редовни. Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе изјави дека 5 мај е единствениот датум на кој се среќаваат претседателските и парламентарните избори, но бидејќи е Велигден, останува изборите да бидат во работен ден во случај да се договорат.
Сепак, неизвесно е дали има простор за договор за датум за изборите, бидејќи, според информации од власта, можно е ако има двојни избори – на 7 или 8 мај – тие да бидат условени со претходно гласање на уставните измени.
Мицкоски, пак, како можен термин за двојни избори го предложи 28 април, што за власта засега е неприфатливо, бидејќи во таков случај парламентарните избори би биле предвремени.

Извор :Слободен печат