Сите здруженија имаат рок од три месеци да го усогласат своето име по вчера усвоените измени во Законот за здруженија и фондации, според кои отсега е забрането да се основа организација ако програмата и целите се насочени кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.
Прашање е дали тоа ќе го сторат бугарските културни клубови во Македонија, „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид со оглед на големата поддршка што ја имаат од Софија.
Конечно „СТОП“ за клубови и партии со фашистички имиња
Според новите одредби, оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.
За пратениците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо во Македонија да постојат клубови со имиња на фашистичките соработници од Втората светска војна.
За измените во Законот гласаа 67 пратеници. Пратениците на ДУИ не се изјаснија за законските измени. Бујар Османи, во својство на портпарол на ДУИ деновиве изјави дека овој закон не треба да важи ретроактивно и треба да ги опфаќа само новите здруженија, а постојните да не бидат забранети.






