Два дена откако заврши посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков веќе можат да се сведат првите констатации од разговорите со Димитар Ковачевски, но и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Петков има причина да се радува и да прогласува „огромен успех“, кој го постигнала Бугарија. А на што се однесува „огромниот успех“?
Република „северна“ испратила дипломатска нота до Организацијата на Обединетите нации, наведувајќи дека двете „имиња“ на државата (краткото и долгото) се подеднакво важечки и оти со употребата на краткото име нема никакви територијални претензии кон Бугарија. По ова Петков ќе изјави: „Таа нота е многу поважна од само кусото и долгото име. Таа нота покажа дека република северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија. За нотата се зборуваше и преговараше. Ние ја добивме, само затоа што направиме нов пристап.“
Појасно да биде, што значи ова? Професорот Митко Панов од Институтот за национална историја во Скопје до крај ја соголува антимакедонската стратегија и тактика на Бугарија, предупредувајќи во изјава за весникот „Нова Македонија“: „Со инсистирањето на историското дефинирање и на новото државно име и со официјалното прифаќање од страна на Скопје дека тоа се однесува ‘исклучиво на политичкиот субјект Република северна Македонија, а не на географскиот регион северна Македонија, дел од кој се наоѓа и во границите на Бугарија’, Бугарија автоматски ќе издејствува признание дека во историјата воопшто и не постоеле етнички Македонци на територијата на Македонија. Со тоа Бугарија политички и историски ќе ги верификува своите тези дека македонскиот народ бил измислен со вештачко креирање, преку насилната етничка конверзија на дотогашните Бугари во идеолошки ‘измислени’ Македонци.“
Панов појаснува и зошто Бугарија со овие свои најнови постапки дејствува во „дует“ со Грција: „Тоа е позиција и на Грција. Во тоа се состои и надополнувањето и спојливоста на нивните стратегиски цели за ставање крај на македонското прашање, преку реализацијата на договорите преку кои треба да издејствува политичко самопризнание од Република Македонија за историското непостоење на македонската нација.“
Всушност, Бугарија и Грција заеднички се стремат да стават „конечен историски печат“ врз „Букурешкиот договор“ од 1913 година, со кој тие ја окупираа, ја распарчија и трајно ја грабнаа во најголем дел дотогаш интегралната етнојазична територија на македонскиот народ. Овојпат е на ред да се „избришат“ македонските малцинства, што живеат таму. Бугарија си ја присвои Пиринска Македонија и сега не само што бара денешна Република Македонија да потврди дека нема територијални претензии (побарувања) кон Бугарија, туку инсистира безусловно да се признае дека во Пиринска Македонија нема никакво македонско малцинство. Ова истово го бара и го наредува и Грција и во Егејска Македонија, само уште пожестоко, врз основа на „добрососедскиот“ „Преспански договор“. Има една поговорка: злосторниците се враќаат секогаш на местото на злосторот, за да ја довршат незавршената работа… Така сега постапуваат и Бугарите и Грците…
Но, да се вратиме на Бугарија. Ситуацијата со неа станува уште посериозна, уште посложена и уште потешка, бидејќи како „заинтересиран играч“ се јавуваат и лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговата Демократска унија за интеграција, која што, во суштина, командува со Владата. Воопшто не е случајно што Заев не е претседател на Владата, туку неговата „продолжена рака“ Ковачевски. Воопшто не е случајно што прв заменик – претседател на Владата е Артан Груби од ДУИ, без чија согласност Ковачевски не смее ни „а“ да изусти. Посебно не е нималку случајно што и министер за надворешни работи е Бујар Османи. Тој ја има обврската да го дораспакува натаму пакетот „5 + 1“, договорен во име на македонскиот народ без никаква негова согласност, со сите „компромиси болни за Македонците, но и општокорисни за државата и за евроинтеграцијата на сиот Балкански регион“, како што имаше напишано во една анализа на медиум на албански јазик во Македонија.
Другите четири точки предвидуваат „немешање во внатрешните работи на Бугарија“, историската комисија да се состанува барем пет пати во годината, да се осудат „актите на комунизмот“ и да се реагира кон „говорот на омраза“. Дополнителната точка се однесува на можноста за внесување на „бугарската етничка заедница“ во македонскиот Устав пред земјата да стане членка на ЕУ.
Со тоа што кажа дека „ништо лошо нема да биде, ако се вметне бугарското малцинство во Уставот“ Али Ахмети се нареди на иста линија со Бугарија и Грција. Лидерот на „интегристите“ може лесно да види лево – десно низ Македонија дека во неа има „двајца без тројца Бугари“, ама тој бара „да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира како што се чувствува и тоа да се одрази и во Уставот на земјата, врз основа и на Рамковниот договор“. А дали Ахмети ги третира како Бугари и оние Албанци, кои од свои причини си набавиле на разни начини бугарски пасоши, без оглед колку ги има? Дали Ахмети би смеел да побара и во Уставот на Грција да се впишат Бугарите? Или барем Албанците како малцинство, а кои секако ги има во оваа земја? Дали Ахмети би смеел да побара во другите соседни држави да се „евидентираат“ Бугарите, еве, на пример, во Албанија? Но, да не чуе Еди Рама, којзнае, можеби и би го сторил тоа…
Во Голо Брдо во Албанија Бугарија дели пакети, помош, ама, тамошните Македонци не се „продаваат“… Ахмети може да бара и да спроведе уставно внесување на непостојните Бугари само во оваа распарталена лажна држава, затоа што во тоа го поддржуваат и неговите странски ментори… Работата е навистина сериозна и се наметнува прашањето: дали Ахмети и ДУИ сфаќаат дека згазуваат врз еден цел народ, македонскиот, дали увидуваат дека тоа е неприфатливо и неодржливо?
Бугарите го отворија сиот свој „шпил на антимакедонски карти“. Ахмети и ДУИ веќе им асистираат. Грција најави дека допрва ќе ги покажува уште поостро „забите“. А што ќе направат Македонците: интелектуалците, политичките партии, народот? Дали ќе дозволат Бугарите да ги „размонтираат“ до крај македонскиот идентитет и историја, како и остатоците од оваа држава? Дали ќе се најдат од македонска страна нови „експерти“, кои ќе „потврдат“ од „научен аспект“ во историските комисии на Петков и на Бујар Османи дека нема ни Македонија ни Македонци, оти тоа отсекогаш била измислица и лага?






