Вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) го продолжуваат штрајкот и побараа од МОН да го измени календарот за полагање на државната матура затоа што нема да стигнат да ги завршат обврските до 27 мај кога е тестирањето по првиот екстерен испит.



Претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, Емилија Бошковска, на прес-конференција изјави дека е невозможно и неизводливо да се постигнат датумите за матурата (27 мај и 10 јуни), а нивното барање до МОН за промена на календарот  автоматски би значело и пролонгирање на резултатите од матурата.

Неуспешни се преговорите за покачување на платите на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), а штрајкот продолжува, рече Бошковска.

„Имавме два неуспешни состанока. Последниот беше со министерот за образование, во присуство на лице од Министерството за финансии. На тој состанок не добивме ништо ново. Предлогот на Министерството за финансии е покачување од речиси 1.000 денари и дека тоа се нивните црвени линии. Некои 300.000 денари од нашиот буџет се резервирани за платите на функционерите. Од таа причина, бидејќи истекоа роковите, пресметките се дека веќе е невозможно да се постигнат датумите од календарот за државна матура. 27 мај е воопшто неизводлив. Бараме промена на датумите за државна матура. Тоа значи и пролонгирање на резултатите. Бараме министерот да види кои се опциите за државна матура“, вели Бошковска.