Ќе добие ли првиот човек на СЗО уште еден 5-годишен мандат?

Извршниот совет на Светската здравствена организација (СЗО) ќе ја разгледа кандидатурата на Тедрос Аданом Гебрејесус за втор петгодишен мандат како генерален директор на СЗО за време на својата 150-та сесија која почнува денеска во Женева и ќе трае до 29 јануари.



Тедрос Аданом Гебрејесус, кој првпат ја презеде функцијата во 2017 година, е единствениот кандидат. Во согласност со Статутот на СЗО, генералниот директор го именува Светското здравствено собрание на предлог на Извршниот совет, кој врши првично разгледување на кандидатурите.

Одлуката мора да биде донесена со тајно гласање на собранието, кое ќе се одржи во Женева од 22 до 28 мај. Вкупно 28 од 194 земји-членки на СЗО претходно го номинираа актуелниот генерален директор. На тековната сесија, претставници на 34 земји-членки ќе го интервјуираат кандидатот за да ја презентира неговата визија за СЗО и да одговара на прашања.

Тедрос ја извршува својата сегашна функција од 2017 година. Тој е роден во Асмара на 3 март 1965 година и е првиот претставник на африканскиот регион кој ја извршува функцијата генерален директор на СЗО. Магистрирал имунологија на заразни болести и докторирал по јавно здравство. Пред неговото назначување за генерален директор на СЗО, тој беше на чело на Министерството за надворешни работи (2012-2016) и Министерството за здравство (2005-2012) на Етиопија.