Директорот на Агенцијата за национална безбедност АНБ денеска пак не дојде на судење на новинар кого владата го гони за објавување на државна тајна, велат извори од одбраната на новинарот за expres.mk.
Директорот на тајната служба Викторио Димовски кој е поставен од лидерот на СДСМ Зоран Заев по трет пат не се појавува на судските рочишта против новинарот Љупчо Златев кој се гони за објава на случај со вработен во АНБ од јавен интерес и може да биде осуден на долгогодишна казна затвор.
Директорот на АНБ наместо да се појави лично како што налага судската процедура испратил вработена во агенцијата која што од него добила овластување да ја претставува институцијата која гони новинар за објавување на информации од интерес за јавноста.
Уредникот на радиото и порталот Лидер Љупчо Златев се гони за објавување на скандалот со политички реваншизам во АНБ каде оперативец е избркан од работа поради тоа што татко му протестирал против промена на името.
Формално валдиниот прогон против Златев го води Скопското јавно обвинителство кое поднесе обвинение за откривање на службена тајна.
Според обвинителството лани во текот на првата половина на јули, како главен и одговорен уредник на интернет портал, обвинетиот направил достапни на јавноста податоци од Управата за безбедност и контраразузнавање, сегашна Агенција за национална безбедност, до кои дошол на противправен начин. Според внатрешните прописи на Агенцијата, објавените информации се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за Агенцијата национална безбедност.
Се работи за Љупчо Златев, уредникот на порталот Лидер.мк, кој на 12 јули ја објави приказната за вработениот во Агенцијата за национална безбедност, кој смета дека без основа не му го продолжиле безбедносниот сертификат. „Јас веќе водам постапка пред судовите за одземањето на мојот безбедносен сертификат, кој е одземен целосно незаконски и тенденциозно. Подготвен сум ако е потребно да одам и до Стразбур. Во исто време, во оценката за одземањето на мојот сертификат, стои дека мојот татко Љупчо бил претседател на организацијата ‘Тврдокорни’, што е тотално неточно. Тој ниту некогаш бил, ниту е претседател на оваа организација, која ја води сосема друго лице“, изјави тогаш за Лидер.мк Бојан Христовски.
Инаку, неговиот татко Љупчо Христовски бил следен од припадници на УБК затоа што протестирал против промената на името.
„Во однос на документите во УБК со кои минува неговиот татко, имајќи ги предвид неговите активности, кои се од понов датум, како и нивната блискост, на мислење сме дека барателот не е способен да го издржи притисокот на роднините или блиските соработници за издавање на класифицирани информации на странски разузнавачки служби и организации, терористички групи или други слични организации или лица, кои можат да ја загрозат безбедноста на Р.С.Македонија. Во тој контекст и со самиот барател е обавен разговор, при што истиот истакна дека е свесен за активностите на неговиот татко“, стои во документот на УБК објавен на порталот.
Љупчо Палевски од партијата Глас за Македонија на 7 јули објави дека УБК водела оперативна истрага под кодно име „Атлантик“ против политичари, новинари, граѓани, невладини активисти, кои биле против промената на името на државата. Притоа, против сите се воделе посебни истражни мерки, што значи дека биле следени нивните активности, движење, комуникации… Колкав бил нивниот број, сѐ уште не е утврдено, исто како што не е утврдено дали тие и натаму се предмет на обработка и тоа под сомневања за тероризам и македонски екстремизам. Таткото на Христовски, бил следен токму по овој политички основ.
Љупчо Златев на својот фејсбук-профил напиша дека правдата ќе ја бара ако треба и до Стразбур, „ќе се борам против ова тоталитарно зло. Оваа конструкција на УБК е класичен удар кон политичките слободи на граѓаните, огромен јавен интерес и поради тоа ги објавив документите кои ми ги достави свиркач“.
Откако јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против Љупчо Златев за продолжено кривично дело – оддавање службена тајна, реагираше и главниот и одговорен уредник на Плусинфо, Бранко Героски. „Обвинението за новинарот Љупчо Златев е скандалозен обид за цензура. Љупчо ја има мојата поддршка. No pasaran“, напиша Героски на Фејсбук пренесе тогаш МКД.мк.






