Најавата дека на Советот за безбедност попладнево ќе биде повикан и началникот на генералштабот на АРМ укажува дека не се исклучува Македонија вечерва да прогласи вонредна состојба врз основа на член 125 од македонскиот Устав според кој една од причините за воведување вонредна состојба во земјата е и епидемијата.
Претседателот Стево Пендаровски предходно ја спомена вонредната состојба како една од опциите за справување со здравствената криза.
Со прогласена воена состојба властите многу полесно можат да воведат забрана за движење или изолација на цели подрачја и да воведат низа мерки со кои ќе се намалат контакти меѓу граѓани како воведување на таканаречен полициски час односно забрана за движење целосно или делумно.
Според Уставот, постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. За време на вонредна состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.
За време на вонредна состојба мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на состојбата.
Што пишува во Уставот?
Член 125
Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Член 126
При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.
Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Член 127
За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.
Член 128
Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.





