Ќе биде казнет или ќе се извини – Заев не го послуша апелот што сам го упати

Скапиот сребрен прибор за ручање во домот на семејството Заеви не е единствената лоша порака до јавноста од неговиот дом во ситуација кога десетици илјади луѓе едвај составуваат крај со крај а короната продолжува да беснее.



Според фотографијата што на социјалните мрежи ја објави неговата внука Ева, ќерка на братот Вице, и фотографијата на која се гледа дека на премиерот Заев му се паднало паричето на Бадник тој ги прекршил владините препораки за борба против Ковид-19.

На 15 декември заедно со министерот за здравство Венко Филипче премиерот Заев препорача да нема собири во домовите и во викендиците.

На прес конференција и министерот и премиерот посочија дека во домовите не може да се наметне забрана, туку препорака, затоа што интегритетот на домот е загарантиран со Устав. Иако тогаш двајцата апелираа за одговорност кај сите самиот Заев не ги испочитува препораките на Филипче и самиот себе си.

Според фотографиите масата на Бадник кај семејството Заеви е наместена за 8 луѓе а Заев на масата седи без маска. Тоа значи дека премиерот ја прекршил својата препорака и организирал или учествувал домашен настан со повеќе луѓе од бројот на членови на неговото семејство кое брои четворица.

„Потребно е сите заедно да бидеме одговорни за важноста на овие мерки и да не дозволиме убавите мигови во семејството да се претворат во лоши спомени. Овој празничен период да прославиме одговорно, да ги почитуваме мерките и да мислиме на своето и на здравјето на нашите најблиски. Славењето може да почека, здравјето не“, порача министерот за здравство, Венко Филипче на прес конференцијата на 15 декември а премиерот Заев додаде дека функционерите треба да бидат пример за граѓаните, поради што тогаш најави дека празниците ќе ги помине дома со сопругата и двете деца.

Освен ако во домот на Заев членовите на семејството не јадат од два сребрени прибори премиерот го прекршил јавниот апел упатен кон сите граѓани.