Македонскиот активист од Благоевград, Атанас Кирјаков-Војводата, јавно му реплицира на бугарскиот претседател Румен Радев, според кој „македонскиот идентитет е фалсификат на комунистичката интернационала“, па, врз основа на тоа, нема Македонци ни во Бугарија.
„Господине претседател на Бугарија,
Вашите тврдења и политиката на бугарската држава спроведувана во 19, 20 и 21 век дека нема никакви историски и какви и да е други аргументи за постоењето на етнички Македонци и за постоењето македонско малцинство во Бугарија зеде многу жртви. Над 100 илјади се етничките Македонци и Македонки од Пиринска Македонија (и од Бугарија) кои беа подложени на репресии – следени, заплашувани, прислушкувани, исмевани, отпуштани од работа, исклучени од училиште и од универзитет, апсени (повикувани на распит во полиција, при што имаше смртни случаи при приведувањето или при истрагата), тепани и со тешки телесни повреди, протерувани во далечни краишта на Бугарија, затворани долги години во затвори и во концлогори, убивани… Малтретирањето беше насочени и кон семејствата. Честа појава е притисокот за развод од сопружниците или откажувањето на децата од нивните родители. Прогонети се и репресирани поради својата самосвест Македонци и Македонки во Бугарија.
Ви испраќам како доказ неколку фотографии од само мал дел прогонети и затворани во концентрациони логори и затвори поради нивната самосвест. Погледнете ги во очи фотографиите на Сократ Данаилов Маркилов од Петрич, на Јордан Костадинов Иванов од Илинденци, Сандански, на Славчо Трајанов од село Кључ, Петричко, на Александар Стојков Кочев од село Коларово, Петричко, на Илија Атанасов Воденов од село Калиманци, Сандански. Прочитајте ги нивните истории.
Господине претседател,
Денес во Бугарија политичари, историчари, новинари, судии, обвинители, адвокати, високи полициски службеници и војската прават кариери на грбот на лагата дека во Пиринска Македонија и во Бугарија нема етнички Македонци.
Факт е и дека антимакедонизмот во Бугарија денес е вносен бизнис во кој се вртат стотици милиони“, му напиша на Радев еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“.





