„Сеќавањата на славното минато, на двата Илиндена сѐ повеќе се зацврстуваат и стануваат посилни, ни даваат уште поголема моќ да ги одбраниме македонската државност, македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кои и денес се загрозени.“ – вели доајенот на македонското новинарство Киро Кипроски во својот коментар со наслов „Заклетва што се пренесува низ вековите: ‘Се колнам на вечна лојалност на Македонија!“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Кипроски пишува: „Во пресрет на најсветлиот празник на Македонците – Илинден. Втори август 1903 година, почеток на македонската револуционерна борба за слобода од петвековното турско ропство, против османлиската власт, десет дена Крушевска Република, втори август 1944 година – Прво заседание на АСНОМ, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ беа удрени темелите на македонската држава, токму на денот кога се одбележува и црковниот македонски православен празник Свети Пророк Илија – Илинден. Големите историски настани за самобитноста и државноста на Македонија, не случајно се случиле на православниот празник Свети Илија.“
„Годините минуваат, почитта и сеќавањата остануваат за храбрите борци на Илинденското востание и на македонското население, кои не ги жалеле животите и ги положиле, за да живееме денес слободно. Постојано на празнувањата на двата Илиндена во самостојна, суверена и независна држава Македонија, и во овој бурен 21 век сеќавањата не се избледени, напротив, сѐ повеќе се зацврстуваат и стануваат посилни.“
„Тие сеќавања ни даваат уште поголема моќ да ги одбраниме македонската државност, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и да дадеме силен отпор против домашните одродници, кои се обидуваат да ја менуваат историјата, да ги распродаваат илинденските и асномските вредности. За некој ден ќе ги прославиме 119-годишнината на Илинденското востание и 78-годишнината на Првото заседание на АСНОМ. Тогаш македонскиот народ најсилно ќе го изрази македонскиот патриотизам и ќе им се спротивстави на велепредавниците на илинденските и асномските темели на македонската држава, на македонската автентична историја.“
„Со одбележувањата на светлите датуми на нашата историја се зацврстува македонскиот идентитет. Мадите Македонци, со душа и срце не само што јавно ја искажуваат решеноста да го одбранат и да го зачуваат македонското, туку со славната македонска историја и со историските места ја шират вистината кај врсниците, другарите и блиските.“
„Илинденските маршеви ја будат свеста кај младите. Тие се запознаваат непосредно се запознаваат со македонската славна историја, со херојствата на илинденците, подоцна и на партизаните, на борбеното македонско население и нивните чувства да се зачува македонизмот. Учесниците на Илинденскиот коњички марш, пред тргнувањето на маршот, во манастир или црква добиваат благослов од монаси или од свештеници, притоа ги бакнуваат Библијата, револверот и камата и ја даваат заклетвата ‘Се колнам на вечна лојалност на Македонија’, како што правеле илинденците.“
Home Македонија Кипроски: „Да им дадеме силен отпор на велепредавниците на илинденските и асномските...





