Кина трговски ги надмина САД во Латинска Америка

Кина го зголеми своето водство пред САД во трговијата во големи делови од Латинска Америка откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата на почетокот од минатата година.



Податоците покажуваат дека Вашингтон е турнат во втор план во регионот, ексклузивно јавува Ројтерс.

Анализа на Агенцијата за трговски податоци на ОН од 2015-2021 година покажува дека, со исклучок на Мексико, најголемиот трговски партнер на Соединетите држави, Кина ги престигна САД во Латинска Америка и го зголеми своето водство минатата година.

Трендот, поттикнат од земјите богати со ресурси во Јужна Америка, покажува дека Соединетите Држави изгубиле позиции во регионот кој долго време се сметаше за нивен двор, иако Бајден на самитот реши да ги обнови врските со тој дел од светот .

Мексико и САД имаат договор за слободна трговија од 1990-тите, а обемот на трговијата меѓу двата соседа сам по себе ја засенува трговијата на Вашингтон со остатокот од Латинска Америка.

Но, трговскиот јаз со Соединетите Држави во остатокот од регионот, кој првпат се појави во времето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година, се зголеми откако Бајден ја презеде функцијата минатиот јануари.

Сегашни и поранешни функционери за Ројтерс изјавија дека САД ги одложиле конкретните активности и дека Кина, главен купувач на жито и метали, едноставно му нуди повеќе на регионот во однос на трговијата и инвестициите.

Хуан Карлос Капунаи, поранешен перуански амбасадор во Кина, рече дека, со исклучок на Мексико, „најважните трговски, економски и технолошки врски за Латинска Америка се дефинитивно со Кина, која е најголемиот трговски партнер во регионот, далеку над САД.

Тој, сепак, додаде дека регионот е сè уште политички повеќе поврзан со САД.

Со исклучок на Мексико, вкупните трговски текови – увоз и извоз – меѓу Латинска Америка и Кина достигнаа речиси 247 милијарди долари минатата година, според најновите достапни податоци, многу над 174 милијарди долари со Соединетите држави.

Во очигледен обид да се претстави конкретна алтернатива на Кина, високи американски претставници рекоа дека Бајден ќе објави план за „Партнерство со Америка“ на самитот во Лос Анџелес.

Соработниците на Бајден кои патувале во Латинска Америка се обидоа да ги убедат своите партнери дека Вашингтон е посигурен и потранспарентен деловен партнер, отворено обвинувајќи ја Кина дека користи инвестиции за да создаде „замки за задолжување“ за земјите.

Но, американски функционер, кој сакаше да остане анонимен, призна дека Вашингтон се соочува со тежок предизвик:

„Се додека Кина е подготвена да ги стави своите пари на маса, ние се чини дека ја губиме битката“, рече тој.

Кога ќе се вклучи огромната трговска размена меѓу Соединетите Американски Држави и Мексико, Соединетите Држави сè уште се водечки економски партнер во регионот…

Но, тоа го маскира поширокиот тренд во регионот, каде кинеските производи добиваат на популарност, а Пекинг купува соја, пченка и мед….