Кина отсекогаш одржувала комуникација со сите страни во руско-украинскиот конфликт, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовен брифинг денеска.
Таа истакна дека „САД немаат право да се занимаваат со руско-кинеските односи“ и посочи дека Пекинг „не толерира притисок и закани од американска страна“, пренесе Ројтерс.
Нејзината изјава доаѓа како одговор на повеќекратните обвинувања дека Пекинг има намера да испрати оружје во Москва и може да и помогне на Русија да ги заобиколи западните санкции.
Истовремено, Мао потсети дека Вашингтон не само што испраќа воена помош за Киев, туку и прекршува три заеднички коминикеа на САД и Кина со продажба на напредно вооружување на Тајван.
„Кина отсекогаш одржувала комуникација со сите страни во руско-украинскиот конфликт, вклучително и со Киев“, изјави портпаролката на МНР.
Во врска со изјавата на Зеленски дека планира да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг, Мао одговори дека „позицијата на Кина за украинската криза е конзистентна и многу јасна“, пренесува Ројтерс.






