Кина ги повика САД веднаш да ја прекинат продажбата на оружје на Тајван и да го исполнат своето уверување дека не ја поддржуваат „независноста на Тајван“, објави новинската агенција Ксинхуа.



Агенцијата наведува дека портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјавил дека според „Законот за односи со Тајван“, од САД се бара да ги обезбедат потребните добра и услуги за национална одбрана на Тајван за да му помогнат на островот да одржи доволно самоодбранбена способност со политиката „една Кина“.

Како одговор, портпаролот на Министерството за надворешни работи Жао Лиџијан нагласи дека т.н „Законот за односи со Тајван“ е домашен закон еднострано измислен од САД, кој сериозно ги крши универзално признатите меѓународни закони и основните норми на меѓународните односи и ги охрабрува сепаратистичките сили за „независност на Тајван“, зголемувајќи ги тензиите во Тајванскиот теснец.

Според Жао, тоа се коси со принципот на една Кина и одредбите во трите заеднички кинеско-американски изјави.

Кина никогаш не го признала (Тајван – б.р.) и секогаш се спротивставувала на таков чин, нагласи тој.

Жао предупреди дека САД не се во позиција да се мешаат во внатрешните работи на Кина и да продаваат оружје на Тајван.

Во врска со медиумските извештаи за планот на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, пак да го посети Тајван следниот месец, кинескиот функционер предупреди дека доколку Пелоси пак го посети островот, тоа сериозно ќе го наруши принципот една Кина.

„Кина силно се противи на таквата посета“, нагласи Жао, додавајќи дека Кина цврсто се противи на каква било форма на официјална интеракција меѓу Вашингтон и Тајпеј.

Ако американската страна инсистира да постапи поинаку, Кина ќе преземе цврсти и решителни мерки за заштита на својот суверенитет и територијален интегритет, а САД мора да сносат целосна одговорност за какви било последици, предупреди Жао.