Киев подготвува 425 атомски засолништа и 1.000 места за греење

Во Киевската област итно се подготвуваат 425 атомски засолништа, соопшти шефот на регионалната администрација Алексеј Кулеба.



Засолништата ќе бидат опремени врз основа на оние конвенционални засолништа кои се наоѓаат на доволна длабочина под земја, рече тој. Тие мора да бидат завршени до 15 ноември.

Кулеба додаде дека итните служби од регионот веќе се обезбедени со опрема за заштита од радијација, а минатата недела беа одржани вежби за проценка на нивната подготвеност.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пак, објави дека градската власт е подготвена да отвори околу 1.000 грејни места во случај на целосен прекин на струјата, водата и затоплувањето.

„Поради ракетните напади на агресорите врз критичните инфраструктурни објекти, разгледуваме различни сценарија за развојот на настаните. Најлошото е воопшто да нема струја, вода и парно. Во тој случај подготвуваме повеќе од илјада грејни места во нашиот град“, напиша Кличко на својот налог на Телеграм.

Како што соопшти претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски, околу 40 отсто од енергетската инфраструктура на земјата до денес е сериозно оштетена.