Не може да се игнорира заканата од Русија да користи тактичко нуклеарно оружје, а таков чекор може да предизвика ограничена нуклеарна војна, предупреди врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валери Залужниј, цитиран од „Ројтерс“.



Постои директна закана од употреба – под одредени околности – на тактичко нуклеарно оружје од страна на руските вооружени сили, посочува тој во написот објавен од државната новинска агенција Укринформ.

Невозможно е целосно да се исклучи можноста за директно учество на водечките светски сили во „ограничен“ нуклеарен конфликт, во кој веќе е директно видлива перспективата за Трета светска војна, додаде Залужњи.

Пред еден месец рускиот претседател Владимир Путин рече дека нуклеарна војна не може да има победници и дека никогаш не треба да се започне.

Сепак, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, истакна дека преплавувањето на Украина со оружје ги зголемува шансите за конфликт меѓу Русија и НАТО што може да се претвори во нуклеарна војна.

Од своја страна, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека човештвото е само „еден погрешен чекор од нуклеарното уништување“.