Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека не ѝ било кажано да обезбеди безбеден воздушен простор за рускиот авион кој вчера превезувал украински воени заробеници, како во претходните прилики на таков трансфер.
Русија соопшти дека нема преживеани откако украинските сили вчера претпладне го собориле авионот Ил-76 со 65 украински воени заробеници, шестмина руски членови на екипажот и тројца чувари.
Москва тврди дека Украинците биле во авионот за размена на затвореници што требало да се случи вчера попладне на граничен пункт на 100 километри западно од Белгород.
Во своето видео обраќање доцна синоќа, претседателот Зеленски рече дека „очигледно е дека Русите си играат со животите на украинските затвореници, со чувствата на нивните роднини и со емоциите на нашето општество“.
Зеленски, кој го откажа планираното регионално патување поврзано со неговиот роденден, нагласи дека „мора да се утврдат сите факти“.
Вчерашните изјави на украинската воена разузнавачка служба се сметаат, според Би-Би-Си, за премолчено признание дека соборила воен транспортен авион, иако се нагласува дека нема веродостојни информации за тоа кој се наоѓал во авионот.
Генералштабот на Украина, цитиран од Украинска правда, првично соопшти дека авионот носел ракети за руските системи за воздушна одбрана С-300.
Не беа спомнати воени заробеници.
Но, украинската воена разузнавачка служба соопшти дека одговорност на Русија е да ја „обезбеди безбедноста на нашите ветерани во согласност со договорите што се постигнати“.
„Во оваа ситуација, не сме информирани дека воздушниот простор мора да биде обезбеден во јасно дефинирано време, што се случило неколку пати претходно“, велат украинските разузнавачи.





