На денешен ден во 1943 година послабо вооружените партизански единици, по жестоки борби со балистите поддржани од тогашна фашистичка Италија, го ослободуваат Кичево, правејќи го првиот слободен град во Македонија во Втората светска војна.
Ова е првото ослободување на Кичево кое во наредните месеци уште неколку пати ќе биде окупирано и ослободувано. Во градот била формирана народна власт во која учество зеле претставници од сите националности кои живееле во градот. На 26 септември е одржан голем народен митинг.
На балистичките водачи им била простена соработката со италијанските и со германските фашисти и дури им било доверено чување на границата кон тогашна фашистичка Бугарија во околината на Бигор Доленци. Но, лојалноста на овие единици била многу кратка…
За помалку од еден месец од правец на Гостивар почнува масовен германски напад кон слободната територија бранета на планината Буковиќ од малубројната, но силно мотивирана чета на чело со Мирко Милески, која во таа пригода е збришана. Предадени и изневерени од балистите, кои имале поддршка од бугарската авијација, партизаните биле принудени да се повлечат кон Копачка и на 2 октомври 1943 година Кичево е повторно окупирано.
Накратко, од 1 до 6 ноември 1943 година Кичево повторно било ослободено, а конечно било ослободено на 15 ноември 1944 година.






