Кичеец од притвор за сообраќајка се враќа во затвор за „Рекет“

Зоран Милески Кичеец, осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа што се случи минатата сабота во која загина 34 годишен гостиварец и на кого му беше изречена мерка притвор, се враќа во затвор каде отслужува 3.годишна казна затвор по пресудата за случајот „Рекет“.



Решението да се укине мерката притвор на Зоран Милески ја донел кривичниот совет на Основен суд Гостивар.

Ваквата одлука на судот доаѓа само три дена откако судија на претходна постапка му одреди 30 дена притвор на Кичеец на барање на обвинителството, според кое постои опасност тој да влијае на сведоците и да го повтори делото.

Од Основен суд за МИА потврдија дека постапувале по жалба на одбраната на осомничениот и кривичниот совет донел решение за преиначување на мерката. Од судот нагласуваат дека, одлуката е донесена во работно време и според законските рокови за решавање по жалба од 48 часа. 

Истрагата утврдила дека Кичеец додека бил на прекин од издржување на затворската казна, возел кон Скопје и на патот Кичево–Гостивар претекнувал на полна линија, по што дошло до судирот меѓу неговиот и уште два други автомобили.

Тој се’ уште ја издржува 3 годишната затворска казна за случајот “Рекет”, но во моментот кога ја предизвикал несреќата користел 30 дневен одмор за лекување тахикардија.