На административниот премин Јариње, припадниците на КФОР поставиле бодликава жица зад административната линија, додека полициски кордон е формиран од страната на границата кон централна Србија.



Според извештаите меѓу 150 и 200 лица кои дошле од Србија, Црна Гора и Република Српска на најавената средба се собрале во близина на преминот од страната на централна Србија и биле на околу 150 метри од преминот.

Командата на КФОР соопшти дека полициските сили биле засилени од правец на централна Србија кон преминот, што создало кордон и не им дозволило на насобраните да ја преминат административната линија.

Припадниците на КФОР се од другата страна на поставената бодликава жица, каде има десетици припадници на КФОР, многу возила на КФОР, џипови и друга воено полициска техника, јавија српските медиуми.

Досега не се регистрирани инциденти, и ситуацијата е мирна, но имало гнев кај луѓето кои не можеле да ја поминат административната линија, а дошле да им дадат поддршка на Србите од Косово.

Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека ситуацијата во Косово „сè уште е многу напната“ и дека „едно шкорче е доволно за да се запали сè“…

–„Граѓаните треба да знаат дека Србија ќе остане доследна на политичкиот договор за да ги зачува мирот и стабилноста, но дека никогаш нема да дозволиме нова „Бура’“, рече Вучевиќ.

Тој изјави дека Србија „ќе остане цврста и истрајна“ во барањето за враќање на дел од полицајците и војниците во Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.