Дали производителите се подготвени за новата обврска? Од 1 јули 2023 година целосно се забранува пуштањето на пазарот на пластични кеси и биоразградливи кеси, односно тоа се оние кеси што ги добивате во маркет за 15 денари. Значи, остануваат уште пет дена производителите на кеси во земјава да набават материјали за производство исклучиво на биоразградливи кеси.

Ти неодамна ѝ презентираа на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова дека материјалот за изработка на биоразградливите кеси е тешко достапен за македонскиот пазар и дека се соочуваат со тешкотии во континуираното прoизводство на овие кеси.
Од нивна страна беше предложено да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се обезбедат еднакви услови на пазарот, односно да се спречи нелојалната конкуренција со нудење бесплатни пластични кеси. Дополнително, претставниците на индустријата предложија намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале по 1 јули 2023 година.
Министерката Шукова, пак, укажа дека поништување или враќање назад на започнатата постапка за намалување на употребата на пластичните кеси за еднократна употреба нема да се случи, бидејќи тоа се обврски преземени од нашата држава за усогласување со законодавството на ЕУ. Но, им вети дека нивните предлози детално ќе бидат разгледани во координација со релевантните државни органи.

Со Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник“, бр. 215/21) со цел намалување на создавање отпад од кеси изработени од пластични маси и пластични пакувања, се воведе и стапи на сила од 1 декември 2021 година забраната за пуштањето пластични кеси за носење стоки на пазарот во Македонија. Со исклучок, дозволено е пуштање на пазарот оксобиоразградливи кеси за носење стоки со надоместок, кој изнесува 15 денари за парче и кој задолжително се наплаќа од крајните корисници (купувачи) на местото на продажбата.
Согласно со членот 10 став 5 од Законот, трговецот е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место, која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина.
Од Министерството за животна средина велат дека употребата на пластичните кеси е намалена за 10 пати, особено во маркетите, и тоа за околу 85 проценти. Според Законот, парите од продажбата на кесите одат во специјален фонд за животна средина. Од донесувањето на Законот досега, во тој фонд се собрани над два милиона денари.




