Казни до 20.000 евра за непочитување на грбот, знамето и химната на Црна Гора

Црногорскиот парламент ги усвои измените и дополнувањата на Законот за државните симболи и на Законот за државноста, со кои се предвидени „солени“ казни за непочитување на грбот, знамето и химната на Црна Гора.



Парични казни од 1.000 до 20.000 евра се предвидени за правно лице што ќе ги употреби грбот и знамето во уметничкото творештво, како и во наставната и образовната работа, на начин со кој се нарушуваат јавниот морал, угледот и достоинството на Црна Гора.

Таква казна е предвидена и ако знамето се постави така што го допира тлото, како простирка или како завеса.

Казните за одговорните лица и за физичките лица се движат од 300 до 2.000 евра, а за претприемачите од 300 до 6.000 евра.

Со Законот се воведува и обврска знамето постојано да се вее на зградите на органите на локалната самоуправа и на јавните установи чиј основач е државата.