Три маркети од ист синџир се казнети по четири илјади евра, а одговорните лица по 1.200 евра откако граѓани реагирале дека маслото за јадење било отстрането од рафтовите, а на купувачите им се давало масло – само доколку направат сметка над 800 денари.



„Констатирана е залиха на масло во магацинот, која што не беше изложена на рафт, исто така кај три објекти каде што се врши трговија се издадени прекршочни платни налози по закон за заштита на потрошувачи, се однесува за условување на едни производи со купување на други производи. Казната е 4 илјади евра за правното лице и по 1.200 евра за одговорното лице“, рече Анета Симеска Димоска, директорка на државен пазарен инспекторат.

Од денеска пазарните инспектори започнале и со контрола на производителите на масло за јадење а од утре ќе се прават контроли и на производителите на брашно.

Во последните шест дена инспекторите казниле вкупно 41 трговец поради непочитување на органичените маржи или поради немање на дневна евиденција.