Поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега пратеник на опозициската СИРИЗА, Јоргос Катругалос, во интервју за МИА вели дека очекува „лидерите во Бугарија да покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и с Македонија за справување со нивните проблеми“ и потсетува на изреката што често, за време на преговорите за името ја користеше неговиот претходник Никос Коѕијас „историјата треба да биде училиште, а не затвор“, за која вели дека и сега е актуелна.
Запрашан за европската перспектива на Македонија и бугарското вето, Катругалос вели:
„Пред сè, да Ви кажам дека целосно ја сфаќам големата тага- да употребам умерен израз- на народот на с. Македонија, што по толку обиди, како што вели една наша поговорка, „иако стигна до изворот да се напие вода, не може да се напие“. И да потсетам дека обврските за добрососедските односи ги сносат секако земјите кандидати, но ги сносат и самите земји членки на Европската Унија.
И пред Договорот од Преспа беа направени обиди за приближување меѓу с. Македонија и Бугарија за тежината на историјата што ја носиме сите на Балканот. Се чинеше дека работите се позитивни.
Сакам да се надевам дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и с. Македонија за справување со нивните проблеми. Да потсетам на она што го велеше мојот претходник Никос Коѕијас и е многу актуелно дека „историјата треба да биде училиште, а не затвор“ и мислам дека во оваа насока се согласува и актуелната грчка Влада“ вели Катругалос за МИА.






