Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна света литургија.



Внатре во катедралата имаше определен број свештени лица и верници, а надвор во дворот беше поставен видео бим со цел верниците кои не можеа да влезат внатре да ја следат литургијата. Задолжително беше носењето маски и одржувањето потребно растојание меѓу присутните.

На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и помал број верници во однос на изминатите години согласно протоколите за заштита од Ковид-19.