Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше Воскресна света литургија.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита воскресната проповед.
„Драги браќа и сестри, се надевавме дека Велигден оваа година нема да биде оптоварен од пандемијата Ковид-19 како што тоа беше случај минатата година во ова време и дека ќе може да го славиме свечено во нормални услови, но еве и оваа година овој голем христијански празник мора да го прославиме во истите околности како и пред една година, внимателно и со сите мерки на претпазливост да се заштитиме едни од други од можна инфекција.
Велигден годинава исто како и лани ќе изгледа поинаку поради ограничувањата на КОВИД-19, но тоа не значи дека христијаните не можат да го слават празникот со присуство на велигденски богослужби.
Црквите низ целиот свет денес ќе проследат велигденски служби, овозможувајќи им на луѓето да учествуваат во нив, но безбедно во своите домови преку пренос во живо.
Денеска во Велигден, со почеток во 10 часот ќе започне светата велигденска миса.






