Граѓаните од католичка вероисповест денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално централната свеченост по повод одбележувањето на воскреснувањето на Исус Христос, се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше Воскресна света литургија.
На литургијата присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, поранешниот претседател Ѓорге Иванов…
Велигденска воскресна литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов. Тој им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита воскресната проповед.
Во Ватикан, Папата Франциско ја осуди бруталноста на војната во Украина за време на неговата миса за Велигденското бдение, на која присуствуваше, но не ја водеше лично поради силни болки во нозете, објави Ројтерс.
Италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре го замени папата како шеф на службата, која вклучуваше процесија во базиликата Свети Петар.






