Со рамномерна употреба на техниката „морков и стап“, САД и ЕУ би можеле да ги убедат политичките партии и народот на соседната држава, кои сакаат да се приклучат на ЕУ и НАТО, да прифатат промена на уставот, што е клучно за нивниот просперитет и безбедност, пишува атински „Катимерини“.
Во пресрет на средбите на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција во Атина и најавената средба Заев Ципрас во Софија, весникот потсетува дека сите треба да разберат дека секое име што ќе се договори ќе треба да се користи и внатре во земјата и на меѓународно ниво.
Тоа не е некое „максималистичко“ барање на Грција. Согласување на две одделни имиња, едно за внатрешна употреба и едно за меѓународно ниво, нема да биде корисно, од практични, но и од симболични причини.
„Луѓето во ПЈРМ треба да ја прифатат суштината на промена на името – да го прифатат и да го користат сложеното име. Тоа е единствениот начин да се спречат непријатни изненадувања што би можеле да им наштетат на билатералните врски во одреден момент во иднината и,на стабилноста во регионот.
Со други зборови, промената во уставното име на балканската држава мора да биде предуслов за севкупно решавање“, пишува „Катимерини“.





