За време на својот мандат, поранешната шефица на СЈО зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии“, објави порталот „Призма“.
Министерството за финансии, завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Катица Јанева.
Најголем дел од дополнителните 157.000 евра таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела вон градот во кој живее.
Секој месец земала по околу 42 евра за тоа што работи надвор од местото на живеење, 400 евра за кирија и додаток за доверливост што ѝ бил исплаќан под контото „Други трансфери“.
Додатоците за доверливост, на Јанева ѝ биле исплаќани на различни датуми, некогаш по два во месецот, некогаш преку еден месец, меѓутоа таа има вкупно 46 исплати, што одговара на бројот на месеци колку што беше на чело на Специјалното јавно обвинителство.
Вакви додатоци и надоместоци добивале и другите обвинители и некои вработени во СЈО.




