Катерина Блажевска го дотолчи наративот на амбасадорката на САД за уставните измени

Новинарката Катерина Блажевска за која нема никаква дилема дека е прозападно ориентирана и дека во никој случај не е руски ,,Бот”, во анализа за Призма со наслов ,,Погрешен модел” ја демолираше позицијата од која американската амбасадорка во Македонија Анџела Агелер врши притисок за смена на уставот со цел влез на бугарите во него.



Во ефектна вивисекција на чекорите и улогата на САД и другите западни сили во македонските работи Блажевска на сите западните претставници им објасни зошто барањето за промена на уставот и притисокот што оди со него е контрапродуктивно и создава досега невиден анимозитет за тие што го туркаат.

Блажевска потсетува дека Македонија под притисок на САД и други земји постојано правела компромиси кои се нарекувале последни пред да застане пред портите на ЕУ но барањата за нови компромиси никогаш не завршувале а земјата не го добивала ветеното од Брисел, Вашингтон, Берлин, Париз….

,,Но, тоа „последно нешто“ требаше да биде Преспанскиот договор, односно компромисот за промена на името на државата. Немаше пример за поголем компромис во современата историја. Токму поради таа превисока „цена“, договорот беше препорачан како калауз за наш влез во НАТО и во ЕУ.

Со едни исти воопштени пораки за разни ситуации не може да се јакне поддршката и аргументацијата за уставните измени, бидејќи не се прави разлика на кого што му се става на товар”, пишува Блажевска која на странците им објаснува какво влијание имаше тоа што Македонија во болна постапка го смени името а не доби преговори со ЕУ.

За неа вината за ваквата ситуација се наоѓа и во Агелер или слични на неа што ветувале а оствариле малку или ништо од ветувањата.

,,Откако калаузот ја отвори вратата на НАТО, ама не и на ЕУ, компромисот од очекувана интеграциска инвестиција се претвори во интеграциска фрустрација со продолжено дејство, благодарение на ветото на Франција, потоа на Бугарија, а потоа и на содржината на францускиот (европски) предлог.

Оттука, по 2019 година, и на европската, и на американската администрација требаше да им биде јасно дека во земја која не по своја волја добила привремена референца и променила и знаме и име, политички неодговорно, дипломатски непристојно и човечки безобразно е повеќе да се спомнува зборот „компромис“ или синтагмата „спроведете го уште ова“.

Остана впечатокот дека можеби под притисок на „поважни теми“, на војната во Украина и нејзините рефлексии, одлучувачките европски и американски функционери како да немале време да се запознаваат со сите суптилности на францускиот предлог, кој длабоко ги потцени, разочара и ги изневери очекувањата на македонските граѓани. Во краен ефект, тој се сврте и против неговите креатори”, пишува Блажевска според која дијалогот што беше препознаен како најемблематичен продукт на компромисната и мирољубива политика на Македонија, креаторите на предлогот сами го претворија во антипод на сето тоа.

А односот кон Македонија доби и регионално значење кое е крајно штетно за САД и ЕУ.

,,Затоа и земјите во кои македонските компромисни договори требаше да станат извозен продукт и да бидат мотивација и инспирација за решавање замрзнати конфликти (Србија, Косово, БиХ), се случи обратното.

Македонскиот пример таму беше дочекан како последно предупредување против каков било можен компромис: „Не правете компромиси. Видовте како ги зафркнаа Македонците откако го сменија името?“

Тоа беше пораката што ја исчита регионот од политиките на големите. Затоа, наместо чекор напред, довербата кон демократските икони отиде десет чекори назад”, наведува Блажевска која хируршки прецизно ја идентификува грешката (или лицемерието) на Агелер и на нејзините шефови.

,Амбасадорката Агелер денес генерално е во право кога вели дека „наместо да бидат заглавени во историски прашања и контексти, тоа што е барање на граѓаните од политичарите што ги избрале, е тие да работат за нивните интереси и да ја придвижат земјата кон ЕУ“.

Но, оваа порака не треба да ја адресира ни до македонските граѓани, ни до македонските политичари, доколку ја знае суштината на проблемот со францускиот предлог. Заглавувањето во историски прашања и контексти е барање на Бугарија, а не на Македонија.

Затоа, со едни исти воопштени пораки за разни ситуации не може да се јакне поддршката и аргументацијата за уставните измени, бидејќи не се прави разлика на кого што му се става на товар.

Амбасадорката Агелер генерално е во право и кога потсетува на пораките што дојдоа од Брисел и од Делегацијата на ЕУ во Скопје, потенцирајќи дека е лажна вест оти некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето, и дека е можен подобар договор. Да, навистина така кажаа од Брисел.

Ама да не бидеме селективни. Од Брисел, Париз, Берлин и од други политички центри кажаа и дека Преспанскиот договор ќе ги отвори вратите на Македонија во ЕУ. А тоа, исто така, се покажа дека е лажна вест. Кој во ЕУ понесе одговорност за дистрибуирање лажни вести во 2018 година? Никој!

Врз база на таа вест (ќе ви се отворат вратите во НАТО и во ЕУ) ја направивме најголемата отстапка. Денес, без никаква непријатност, ни велат дека не можат да ја сменат преговарачката рамка. А ние го сменивме името на државата. И по ова како да не паѓа довербата?

Очигледно, поминаа времињата кога зборот колку-толку вредеше и тежеше, кога на политичката сцена имаше политичари од габарит. Нема да коментирам од каков „штоф“ се тие што денес ги водат овие процеси, но едно е извесно – ги водат во насока што ќе го дестабилизира Балканот, и за тоа сигурно нема да биде виновна Русија.

Тоа што земјата била кооперативна за дијалог, не значи дека некој безгранично може да поддржува експериментирање со нејзината издржливост на нови услови, или да ја плаши со изолација

И САД како да паѓаат на ова прашање. Изгледаше дека имаат некоја стратегија што не сме доволно едуцирани да ја разбереме, но видливо е дека таа сѐ повеќе наликува на импровизација, а и на дезориентација”, заклучува Блажевска во анализата за Призма.

Целата анализа на Блажевска на овој ЛИНК

Порталот Призма како дел од проектот Балканска истражувачка мрежа (БИРН) е дел од медиумите кои добиваат пари од американската амбасада во Скопје во проект на УСАИД за борба против корупцијата.

Ваквата ситуација во која приматели на американски пари ја критикуваат американската политика кон Македонија беше причина за друг напад врз Агелер од професорка која исто така е прозападно ориентирана.

Колозова и порача на Агелер дека е доцна за Бугари во уставот: Не можете да убедите никого