Госпоѓо градоначалник, Агенцијата за катастар на недвижности работи јавно и транспарентно и во интерес на граѓаните. Сервисно ориентирана институција сме и обезбедуваме сигурен и ефикасен пристап до дигиталните податоци. Остануваме доследни на нашите принципи. А, за вашите проблеми и безидејноста не ви е виновна Агенцијата за катастар на недвижности.
Ова е дел од соопштението/одговорот од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) која неколку пати беше посочена од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска како виновник за проблемите со наплатата на данокот на имот во главниот град.
Само една четвртина скопјани плаќаат данок на имот
„Градоначалничката на град Скопје, во серија јавни настапи, бара оправдување за состојбата во која го доведе градот, спомнувајќи ја Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) за еден од клучните фактори за ненаплатените даноци.
Според неа, за над 75% ненаплатен данок, од вкупниот број граѓани кои поседуваат имот на територијата на Град Скопје е виновна АКН.
Агенцијата за катастар на недвижности информира дека наводите на градоначалничката, оти во повеќе наврати побарала од АКН податоци и добила повеќе различни одговори, по што заклучила дека Агенцијата не сака да ги даде податоците, едноставно не се точни!
Уште помалку дека таа тоа го барала цели 12 месеци.
За тоа дека Агенцијата за катастар на недвижности дала пресметка во некаков износ кој поминува над 2 милиони евра, не станува збор, тоа се шпекулации за кои нема да навлегуваме во расправа.
Град Скопје нема побарано, ниту добиено, пресметка од страна на АКН, ниту пак информација колку би чинела вкупната сума на бараните податоци.
Затоа, сумата со која градоначалничката манипулира е чиста дезинформација, поттикнување незадоволство и прикривање на сопствените слабости“ се вели меѓу другото во соопштението од Катастар.

.






