„Од овој момент ќе започне санирањето на актуелната ситуација на општина Тетово. Ќе ангажираме специјалисти, за да се спроведе целосна ревизија на општината. Граѓаните треба да знаат како работела нивната општина.’ – рече денес новоизбраниот градоначалник на Тетово Билал Касами, инаку и лидер на Движењето Беса, при примањето на оваа должност од нејзиниот досегашен вршител Теута Арифи.“ – информираше порталот на албански јазик „Тетова сот“ („Тетово денес“).
Инаку, информативниот портал „ММС“ објави пред неколку дена податоци од Министерството за финансии, според кои општина Тетово е на врвот на списокот на најзадолжени општини во Македонија. „Идните градоначалници ќе наследат големи долгови на општините. Според податоците на Министерството за финансии, најзадолжена општина е Тетово. Таа има доспеани, а ненаплатени побарувања од 11,9 милиони евра. Податоците покажуваат дека долгот на Општина Тетово забрзано се зголемува. Во декември 2019 дина општината имаше долг од 7,2 милиони евра, а на крајот на 2020 година тој се зголеми на 9,8 милиони евра. Општината за само шест месеци натрупала долг од дополнителни 3,1 милион евра и на крајот на јуни 2021 година веќе должи вкупно 11,9 милиони евра.“
„Тетова сот“ ја пренесе и пораката на градоначалникот Касами до општинската администрација на денешното примопредавање на градоначалничката функција во просториите на општината: „Административците што работат чесно ќе си го добијат она што заслужуваат. Ги повикувам самите да се повлечат оние административци, што примаат плата, не работејќи ништо.“
„Теута Арифи го предаде мандатот на градоначалник на Тетово и му посака успех на новото раководство на општината. Билал Касами беше избран како градоначалник на Тетово во вториот круг на локалните избори со разлика од 5 илјади гласови повеќе од Теута Арифи.“





