Претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами, во „Програма 200“ на телевизијата Алсат-М рече дека на Албанците во Македонија им е доста од ДУИ и од нејзиниот лидер Али Ахмети, кои се на власт 20 години. Зборувајќи за владеењето на ДУИ во последните две децении, Касами го спореди Ахмети со албанскиот диктатор Енвер Хоџа.
„Граѓаните се уморни. Имаме политичка партија која е на власт 20 години, која претендира да го следи нивниот историски лидер Енвер Хоџа затоа што само тој како комунистички лидер успеа да остане подолго од Али Ахмети на политичката сцена. Но, тоа не е резултат на демократизацијата на општеството овде, во Северна Македонија, туку како резултат на враќањето на монизмот во раководството на ДУИ и обидот да се заробат сите сфери на моќта и општо во општеството“, рече Касами.
Според градоначалникот на Тетово, единствен начин Албанците да се ослободат од оваа ситуација е албанските опозициски партии да почнат да работат заедно.
„Ценам дека сега, со промените во Алијансата за Албанците, на албанската опозиција ѝ се отвори дополнителна можност за соработка“, објасни Касами.






