„Билал Касами, лидер на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, вели дека премиерот во оставка Зоран Заев и Демократската унија за интеграција и наштетија на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија. Партијата на Касами, која излезе од владејачката коалиција, оставајќи ги своите партнери без парламентарно мнозинство, вели дека формирањето нова Влада ќе биде тешко и затоа бара нови избори.“ – овие акценти од интервјуто на Касами, дадено за „Косова Прес“, ги пренесува весникот на албански јазик „Лајм“.
„Лајм“ пренесува: „Неуспехот на ДУИ да ги прифати основните вредности на демократијата, слободниот глас на народот и оставката на премиерот без да се консултира со меѓународните партнери уште повеќе и наштетија на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија, повеќе отколку одлуката на Движењето Беса да ја напушти Владата, која е оценета како антидемократска и антизападна.’ – вели Касами.“
„Се очекува гласање за новата Влада во Собранието кон средината на овој месец, но Касами вели дека решението би било да се оди на предвремени избори. ‘На новиот мандатар ќе му биде многу тешко да формира Влада, бидејќи ситуацијата е многу дискутабилна, позицијата во која се наоѓа Македонија во време кога имаме два важни договора постигнати со нашите соседи, со Грција за прашањето за името и Бугарија договор за добрососедство. Меѓуетничката ситуација во Македонија е отежната. Имаме купопродажба на политички партии и пратеници, па кога се создава ваква дискутабилна и проблематична ситуација, кој и да биде новиот мандатар ќе има тешкотија да формира коалиција на владејачкото мнозинство и коалиција, за да формира Влада. Во овие околности единственото решение за Македонија се најбрзите можни избори.“
„Во минатата година Тетово беше потресено од пожарот во модуларната болница додека се лекуваа пациентите од ковид – 19. Истражните органи работат на случајот, а тетовскиот градоначалник Касами вели дека инфраструктурните проекти во Македонија се реализираат на скандалозен начин и оти како последица на тоа се случуваат таквите инциденти. ‘Сега кога подиректно се соочувам со начинот на реализирањето на јавните проекти, на инфраструктурните проекти, гледам дека сме навистина во рацете на Бога, бидејќи политичарите и водачите не заборавија целосно. Ова е ситуација во која имаме скандалозно реализирање на јавните проекти, на инфраструктурните проекти и сега ова ме убедува уште повеќе дека тоа што се случи со модуларната болница во Тетово не било случајно. Имаше пропусти во целото раководење со градбата на таа болница.“ – вели, покрај другото, Билал Касами, лидерот на опозициското Движење Беса и градоначалник на Тетово, во интервјуто за „Косова Прес“.





