„Лидерот на Беса Билал Касами застана во одбрана на лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кому во текот на денот му се закануваа, ставајќи куршум пред неговата куќа“ – објави ТВ 21.
ТВ 21 истакнува: Касами во објава на фејсбук пишува дека денешниот чин е „нечовечки, противевропски и криминален“. Тој вели дека тоа докажува оти нашето општество е во „исклучително тешка безбедносна ситуација, дека државниот систем не функционира и оти демократијата не постои“.
„Денешниот гест кон Таравари покажува дека на сегашната власт ѝ дојде крајот и за да си ги задржат фотелјите ги надминуваат дури и руските диктаторски постапки. Со оваа акција им дадоа поголема сила и волја на опозицијата, како и на граѓаните против ДУИ, да бидат колку е можно поактивни и на 8 мај да падне хибридниот режим СДСМ-ДУИ, да се отворат затворските врати за заканувачите, а граѓаните да се ослободат од канџите на енверистичката диктатура, која секој ден се повеќе се обидува да се инсталира во државниот систем. Се ближат деновите на правдата“– порача Билал Касами, лидерот на Беса преку фејсбук.





