Група родители кои не се жители на општина Карпош, а чии деца одат во градинки во оваа општина, добиле известување дека децата ќе бидат отпишани на 10 јуни.
Родителите ова го нарекуваат „срамен чин“ и бараат од општината да им излезе во пресрет и да покаже солидарност во време на криза.

Порталот Точка ја пренесува реакцијата на родителите:
„Во услови на светска криза каде секое семејство е соочено со предизвиците на инфлација, општина Карпош им врти грб на една од најранливите категории на семејства, млади родители кои во борбата за егзистенција, а во отсуство на достапни места во градинките во своите општини побарале спас запишувајќи ги своите деца во дел од градинките на оваа општина.
Ние како загрижени родители повикуваме на солидарност од страна на општината која досега излегла во пресрет на многу наши сограѓани. Верувајте ние не би ги носеле нашите деца по неколку километри во градинките на општина Карпош доколку не би биле принудени од недоволниот број на слободни места во општините во кои живееме. Воедно би сакале да испратиме апел до Владата за да реагира преку Министерството за образование и наука најде решение за овој проблем на неколкуте стотици семејства затечени од оваа одлука“, велат изреволтираните родители во писмото.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, уште пред неколку месеци најави дека градинките во општината ќе останат отворени само за нејзините жители.







