Во кањонот Матка над браната има нестабилна карпа со тежина од 20 тони на висина од 100-тина метри. Таа може во секое време да се излизга и да падне во водата, но и да повлече со себе лавина од други карпи и камења кои би можеле да го загрозат ѕидот на хидроелектраната, алармираше денеска Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување на кризи.



ЕВН Електрани веќе биле предупредени од алпинистите дека карпата е во нестабилна состојба.

„Долга е од 6 до 8 метри и при лизгањето постои можност да биде предизвикана лавина од други камења кои би паднале во близина на ѕидот, но ние дополнително сакаме да ги провериме ваквите податоци. Падот би бил во непосредна близина на испустот. Карпата се наоѓа на самиот врв од гребенот, изјави Ангелов.

Директорот на ЦУК додаде дека карпата може таму да остане уште 100 години, но должност на центарот кој тој го води е да ги извести релевантните институции.