Емил Павлов го освои сребрениот медал на Светското првенство во Дубаи, со што го оствари најголемиот успех во историјата на македонското карате, откако пред него само Жарко Арсовски се искачи на мундијалскиот подиум со бронзата во Белград во 2010 година.
Во финалето во категоријата до 67 килограми штипјанецот загуби со 8:0 од олимпискиот, светски и европски шампион Стивен Дакоста од Франција.
На патот до медалот Павлов ги совлада Матеј Хомола од Словачка со 4:3, Садредин Сајматов од Узбекистан со 3:0, Абдалах Хамат од Јордан со 3:1, Али Елксави од Египет со 4:1 и Мартијан Тадиси од Унгарија во полуфиналето со тоа што прв поентира во ремито 3:3.
Најуспешниот македонски каратист има и четири медали од европските шампионати, и тоа две злата од Тампере 2014 и од Нови Сад 2018, како и две бронзи од Монпелје 2016 и од Гвадалахара 2019.





