Професорката Тања Каракамишева Јовановска смета дека со јавната одбрана за случајот Мафија министерот за внатрешни работи си направил лоша услуга затоа што признал дека нема никаква контрола врз важното министерство на чие чело е повеќе од 4 години.
“Свесен ли е Оливер Спасовски дека со овој наратив уште повеќе се дозакопа? Сам си призна дека нема никаква контрола врз ресорот што го води? Министер без контрола! Практично и отвори широка врата на одбраната на Јанкуловска за потврдување на својата невиност!”, напиша професорката за изјавата на Спасовски.
Вработени во управната служба на МВР издавале лажни патни исправи на високопрофилирани криминалци, злоупотребувајќи туѓ идентитет, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата што ја одржа вечерва, изнесувајќи детали за акцијата „Мафија“ во која се уапсени деветмина полициски службеници за фалсификување патни исправи, а по уште еден се трага.
“Службените лица на МВР овозможиле на вкупно 215 лица од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Како поддршка на криминалната мрежа било и лице кое не поседува службени овластувања туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лицац, рече вчера министерот за внатрешни работи.
Тој рече дека акцијата била спроведена со меѓународна полициска соработка преку Регионалната канцеларија за безбедност на САД, како и Генералниот секратаријат на Интерпол, при што било утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела односно дека станува збор за лица со профил од висок ризик и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети.
Спасовски не даде одговор што правело министерството цели 4 години додека се издавале пасошите и зошто во текот на истрагата продолжило издавање на пасошите.





