Каде што европратеникот Ангел Џамбаски застана во навредите за Македонија, таму продолжи неговиот партиски колега од ВМРО-БНД, почесниот претседател Красимир Каракачанов.



„Скопје, очигледно, не сака да го исполни овој договор (за пријателство и добрососедство – н.з.). Смета дека, со оглед на поддршката од неколку меѓународни фактори, Бугарија е должна да клекне. Погледнете ги реакциите на скопските политичари. Тие се однесуваат како ние да сме кандидати и да им се молиме на нив, а не тие. Речиси како да е дојдено прашањето до таму да ни објават војна, бидејќи ние сме некакви уценувачи. Крадците на бугарската историја се во Скопје“, „испука“ како од рафал поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана пред камерите на ТВ Нова.

Ако тој бил на местото на премиерот Кирил Петков, ќе ги прекинел преговорите со Македонија поради непреземање дејства според Договорот.

„Кога ќе бидете подготвени да ги исполните условите или сте ги исполниле, повелете – продолжуваме да разговараме. А не да одиме да се молиме“, додаде Каракачанов.