Откако премиерот Зоран Заев ја обвини Бугарија за кршење на Договорот за пријателство експресно стигнаа првите реакции од Софија, но и коментар од вицепремиерот Красимир Каракачанов според кој неговите колеги во Скопје не ги читаат договорите што ги потпишуваат.



„Ако кажете дека една земја го прекршила договорот со друга, тоа е случај на војна. Оваа изјава на Заев уште еднаш ме убедува дека моите колеги во Скопје не ги читаат договорите што ги потпишуваат. Во член 2 од Договорот пишува:

„Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни потребните критериуми за членство во Европската унија и ќе ја поддржи Република Македонија да добие покана за членство во НАТО во согласност со релевантните одлуки“.

Тој вели дека критериумите се утврдени во самиот Договор и тој не се исполнува од Скопје – „две години и им кажуваме дека тие не работат според Договорот. Дека нивните учебници по историја, литература и географија не се променети три и пол години по потпишувањето на Договорот. Дека во овие учебници сè уште е всадена омраза кон бугарскиот народ и граѓаните на РСМакедонија имаат негативен став кон Бугарија. Дека нивните медиуми, без никаква причина, продолжуваат да спроведуваат антибугарски кампањи“, вели Каракачнов за Факти.бг

„Со само една декларација, еднострано од Скопје, во која ќе наведат дека ќе го почитуваат Договорот со Бугарија, тоа нема да се случи. Бидејќи практиката покажува дека тие постојано даваат изјави за добра волја, но всушност не прават ништо.

Каракачанов вели дека откако бугарската дипломатија изразила јасно и недвосмислено мислење дека во оваа ситуација нема да дадеме согласност, Заев ги изгубил нервите.

„И тука не е виновен Заев, туку е виновен неговиот министер за евроинтеграции, Никола Димитров. Тој е во основата на оваа заблуда во која е вметнат Заев – дека некој ќе ја заврши работата на Скопје и дека можеби нема да преговараат со нас, можеби нема да ги исполнат обврските од Договорот, бидејќи преговорите за ЕУ ​​ќе започнат во секој случај. Па, тоа нема да се случи!“ вели вицепремиерот.