„Целосно непочитување, дрскост и целосно нескриена омраза кон Бугарија и Бугарите“.
Вака на Фејсбук ја коментираше почесниот претседател на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов информацијата дека МВР на Република Македонија поднело пријава против културна установа бидејќи деца од Македонија ја посетиле Бугарија и се сретнале со бугарските политичари.
Да потсетиме, МВР отвори предмет по допрен глас за раководството на „Мал битолски Монмартр“, кое во неколку наврати изминатиот период носеше деца во посета во Бугарија и на средба со бугарски политичари, меѓу кои и претседателот Румен Радев, соопшти министерот Оливер Спасовски вчера.
При посета на Битола, Спасовски рече дека за случајот бил запознаен од медиумите и дека полицијата го известила Основното јавно обвинителство.
Меѓаши: „Битолски монмартр“ ги злоупотребува децата за политички цели
За Каракачанов ова е доказ за омраза:
„Сведоци сме на ова во пресрет на Илинден – денот кога избувна најмасовното востание на Бугарите во Македонија. Ден кога повторно немаше општа прослава за хероите – предците на христијанското население во сегашната РСМ, кои ги дадоа своите животи за ослободување на Бугарите и обединување на бугарскиот народ“, вели Каракачанов а пренесуваат бугарски медиуми.
„Македонското МВР покрена постапка против раководството на „Малиот битолски Монмартр“ за тоа што културната установа однела деца во Бугарија и се сретнале со бугарски политичари, дури и со претседателот.
Наместо да ја поздрави културната размена, блиските врски и заедничките иницијативи, македонското МВР се жали во „медиумите“ дека децата учесници на културната манифестација се сликале со бугарски политичари“ вели Каракачанов.






