Каракачанов: Наследник на Охридска архиепископија е БПЦ

Потпретседателот на Владата на Бугарија и министер за одбрана Красимир Каракачанов смета дека наследник на Охридска архиепископија е Бугарска егзархија, т.е. денешната Бугарска православна црква.



Овој став лидерот на софиското ВМРО го изнесе во одговорот на прашањето дали е гест или специјален знак тоа што БПЦ годинава го сподели благодатниот оган со МПЦ-ОА во утринската емисија „Денот започнува“ на Бугарска национална телевизија (БНТ).

„Тоа е дел од желбата на бугарското општество во двете држави во кои зборуваме еден ист јазик, имаме заедничка историја, а имаме и заеднички проблеми на Балканот, да има поголем дијалог и да има разбирање. На крајот на краиштата, како луѓето од Скопје, така и луѓето од бугарските градови имаат роднини од двете страни на границата. Немаме што да делиме, вклучувајќи ги и двете цркви, зошто, ако погледнеме реално, денешната Охридска архиепископија во Македонија, која претендира дека е наследник на онаа од 11. век, всушност онаа црква од 11. век, наречена Охридска архиепископија, е претходник на Бугарската патријаршија, чиј последен патријарх Дамјан е од времето на Самуил. По што самата Охридска архиепископија до 18. век во пракса го поддржуваше бугарскиот јазик во црквите и во училиштата итн. А наследник на самата Охридска архиепископија е Бугарската егзархија, која, пак, всушност, е наследена од денешната Бугарска патријаршија, Бугарска православна црква. Така што, тоа е еден добар знак за мене. На крајот на краиштата, кога луѓето се разбираат, кога политичарите од двете страни на границата се разбираат, логично е и двете цркви да имаат позасилен дијалог. Јас лично сметам дека тоа е правилната насока, зошто во еден момент Бугарија, односно Бугарската православна црква, треба да биде иницијаторот, треба да биде црквата-мајка на Охридската архиепископија во Македонија“, изјави Каракачанов.

„Седумдесет проценти од цариградските Бугари се наследници на оние Бугари од Македонија кои уште од крајот на 19. век се основните борци за независна бугарска црква, тоа се луѓето што ја финансирале изградбата на првиот бугарски храм во Цариград, луѓе што се погребани во таа црква. Тоа се Бугари од Костур, од Лерин, Ресен“, реагира тој на констатацијата дека многу Бугари биле присутни на славењето на Велигден во црквата „Свети Стефан“ во Истанбул, позната и како Железна црква.

„Политиката на Бугарија за отворање кон Македонија би требало да биде помогната од Бугарска православна црква, како што тоа го прават другите православни цркви кога ги заштитуваат интересите на Грција, на Русија или на Романија. Тоа е правилен пристап. Сметам дека нашата црква треба да биде посмела и поенергична, без да се стеснува од тоа што од чисто политички причини ќе ѝ се спротивстават две, да не речам три, од другите православни цркви. Тоа спротивставување е само на политичка основа. Каноните се убаво нешто, но во 21. век луѓето ги интересираат чисто човечките нешта и Црквата треба да биде повеќе отворена кон проблемите на луѓето, не само по темата за Македонија, не само по темата за меѓународната политика, Црквата треба да биде отворена кон социјалните проблеми на луѓето“, изјави Каракачанов.