Каракачанов: Делчев загина за Македонија, а се слави и во Бугарија

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов зборуваше за симболиката на денешната средба со својата македонска колешка Радмила Шекеринска, која е во работна посета на Софија, поврзувајќи го тоа со загинувањето на Гоце Делчев.



„На 4 мај и во Македонија, и во Бугарија го чествуваме големиот херој Гоце Делчев. Пред точно 115 години тој загина за слободата на Македонија и неговото дело се слави како во Македонија, така и во Бугарија. Кога има нормален дијалог и добри односи, ние веќе не спориме за овој датум, а камоли за други, посериозни работи. Бидејќи за Бугарија е од витално значење во Западен Балкан да има мир, спокојство и ред, а тоа може да се случи само ако тој биде интегриран во Европска унија“, изјави Каракачанов, кој е и лидер на ВМРО-БНД.

Учеството на армиска единица од Македонија на воената парада в недела во Софија тој го оцени како „знак на партнерство и сојузништво“.

„Има ли поубав знак за сите оние внатрешни и надворешни фактори кои се обидуваат да нè раздвојат и да создадат вештачки проблеми? Има ли подобар знак за да покажеме дека искрено сакаме Македонија да се интегрира и да имаме сојузнички и пријателски односи“, додаде Каракачанов.