Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов повторно го искритикува американскиот Стејт департмент за извештајот за состојбата со човековите права на македонското малцинство во земјата-членка на Европската унија.



„Луѓето што го напишале извештајот во главата за македонското малцинство, или не си ја научиле лекцијата по историја, или не ги прочитале извештаите на своите претходници. Им препорачувам на тие од Стејт департментот што го напишале извештајот да го прочитаат тоа што нивните колеги од истиот Стејт департмент го пишувале во Вашингтон во 1940-тите и во 1950-тите, кои пишуваат многу јасно какво е населението во Македонија. Зборуваат за Бугари. И тоа се извештаи од ЦИА и од нивниот Стејт департмент. Тие пишуваат за Бугари што гледаат кон Бугарија и не сакаат да живеат во Југославија“, изјави Каракачанов за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Лидерот на ВМРО-БНД уште еднаш нагласи дека „Бугарија не може да признае малцинство од нација создадена во Москва“, повторувајќи си ја тезата дека македонскиот народ е измислен под притисок на СССР.

„Во еден момент од 21. век почнуваме да зборуваме за нешто друго. Кое македонско малцинство треба да го признае Бугарија? Создаденото во Москва? Нешто не ми се чини логично“, додаде тој.