Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во името на својата партија понуди да го купи отстранетиот споменик на Борис Сарафов од пред Министерството за надворешни работи на Македонија во Скопје.
„Градоначалникот на Скопје, Шилегов, се пофали деновиве со промена на имињата на неколку улици во градот. Накратко, повторно ќе има улица во Скопје именувана по Ленин и слично. Се разбира, тоа одвај е изненадување. Современата скопска елита е творба во духот на ленинизмот, а уште повеќе на сталинизмот. Така што наскоро може да има улица ‘Сталинова’ во Скопје. Како што тргнало, тоа време не е далеку. Ако не е дојдено.
Интересно е, сепак, зошто се менува името на улицата ‘Борис Сарафов’. Оваа улица нема да го носи името на револуционерот кој заедно со Анастас Лозанчев и Даме Груев беше во штабот на Илинденското востание. Е, за Борис Сарафов немаше сомнежи дека е Бугарин. Како и за останатите во ова востание. Дали токму тоа не ја предизвика промената на името? Овој маж бил воен водач на Илинденско-преображенското востание во Битолскиот револуционерен округ. Неговата единствена ‘вина’ за оние во Скопје очигледно е дека тој е Бугарин и дека е офицер во бугарската армија. Исто така, да ги потсетам дека заедно со Гоце Делчев, Борис Сарафов е дипломец на бугарското воено училиште во Софија. Со каков аршин мерите? Едниот од нив го прогласувате за Македонец, а демонстративно го исфрлате неговиот брат Борис Сарафов од вашата историја.
Но, нели Скопје исто така го почитува Илинденското востание од 1903 година? Или можеби повеќе го почитува т.н. втор Илинден – оној во 1944 година, кој ги поставува македонизмот и коминтерновските постулати како државна идеологија.
Ако е така, зошто денешните политичари во Скопје одат на прославите на Илинденското востание од 1903 година? Зошто положуваат цвеќе на Мечкин Камен и ја слават Крушевската Република? Зошто инсистираат на овој дел од историјата? Ако луѓето како Сарафов се проблематични за Скопје, тогаш зошто Скопје толку инсистира на историското наследство од 1903 година?
Откако пред извесно време тивко го отстранија и неговиот споменик, ова е втор јасен гест од страна на властите во Северна Македонија. Каква друга причина би имале да се срамат од Сарафов освен што е Бугарин?
Уште еднаш апелирам до надлежните во Скопје: ВМРО е подготвена да го купи лично отстранетиот споменик на Борис Сарафов, кој до неодамна чекаше во дворот на леарницата во градот да биде стопен како старо железо“, објави Каракачанов на Фејсбук.





